ВО ВЕЛЕС СЕ ОДРЖА ПРВИОТ МЕЃУНАРОДЕН ФЕСТИВАЛ НА САТИРАТА „ЏИНОТ“

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

„Животот е драма во кој најтешка улога е човекот“ е афоризмот кој победи на првиот фестивал на сатирата „Џинот“, одржан во Велес. На конкурсот, кој беше меѓународен, пристигнале стотина сетови афоризми кои се состојат од по десет единечни. Автор на победничкиот афоризам е Јане Атанасов од Кочани.

Првонаградена за сет афоризми е Славица Урумова од Скопје, втората награда ја доби Абдурахман Халиловиќ од Риека, Хрватска, а третата Нада Караџиќ од Белград, Жири комисијата одлучи да ѝ додели специјална награда за етно афоризам на Костадинка Витанова од Струмица.

„Пристигнаа повеќе од сто сетови афоризми. Седумдесет сета ги задоволија критерумите, имаше доста квалитетни“, кажа Атанас Крлевски, член на жирито и афористичар.

Имаше учесници од Србија, БиХ, Црна Гора, Хрватска, Бугарија, Швајцарија и Македонија

„Ова е првиот меѓународен фестивал на сатирата, насловен во чест на Јордан Хаџи Константинов-Џинот, кој прв во Македонија пишувал афоризми. Една таква големина заслужува да има настан“, кажа Лила Арсова, претседателка на Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ од Велес, организатор на настанот.

На фестивалот беа промовирани и две книги со афоризми, „404 секојдневизми“ од Атанас Крлевски, Елеонора Николовска, Марјан Ангеловски и Марјан Ранѓеловиќ и „Групен афористички портрет афоризми“ од група автори.

П. ПЕЧКОВ