Од 1 до 5 ноември, во Скопје ќе се одржуваат меѓународните студентски средби Скомрахи на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) под мотото „Дионизија сега“. Отворањето е во Драмски театар со претставата „Кралот Иби“ од Алфред Жари, со студентите од ФДУ.
Претставите ќе се играат во повеќе простори: Академската сцена на ФДУ, Драмски театар, Албански театар, Младински културен центар и „Котур кафе и филм“. Ќе се изведат претстави од Украина, Белгија, Швајцарија, Словенија, Романија, Бугарија и Чешка, заедно со тие на домаќините, студентите на ФДУ.
Програмата на 32. издание на Скомрахи вклучува и изложба за повторна употреба на театарскиот „отпад“, колективна перформативна прошетка низ Скопје со лабораторијата за просторно изведувачки практики „Градот како сцена“, панел дискусија, разговори по претставите и музички настани.
Паралелно со програмата, на ФДУ ќе се одвива и работилница за развој на колективен перформанс, кој ќе биде изведен на последниот ден, а во чие создавање ќе учествуваат сите учесници на Скомрахи, студенти од Факултетот за ликовна уметност, Факултетот за музичка уметност и од Одделот за дизајн и инженеринг на облека на Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ, студенти од Академијата за уметност Фонтис во Тилбург (Холандија) и неколкумина уметници од локалната дрег сцена.
Влезот е бесплатен за сите настани.