„Океани“ е новата песна на Слаткаристика и „Некст тајм“, посветена на сите кои се иселија од Македонија.
„Со Слаткар учевме во исто основно училиште и време беше да направиме заедничка песна на негова идеја, а работевме со Лазар Цветкоски. Текстот сѐ кажува“, ни рече Мартин Филиповски, гитаристот на „Некст тајм“.
Слаткаристика се сеќава на неговото растење во исто маало со Стефан и Мартин Филиповски.
„Се знаеме повеќе од триесет години. На училиште, јас седев со оние кои се рапери, тие со оние кои се рокери. Секогаш сме имале почитување еден со друг, но сме биле во различни култури и различни музики и никогаш досега не сме успеале да направиме нешто заедно“, вели Слаткар и додава дека му се допаѓа како звучи песната, која ја напишал за неговите пријатели кои не живеат во Македонија.
И самиот тој помислил да се пресели, но останал тука.
„Инспирација ми се моите браќа, моите другари и другарки низ цел свет. А, дали сум помислил некогаш да се селам? Нормално дека сум помислил. Ние живееме во таков хаос, што ти доаѓа секој ден да си кажеш: ‘Да си одам одовде, ова не е нормално’. И тоа ни се случува секој ден, верувам на сите што се малку нормални“, ни рече Слаткар.
Тој и Лазар Цветкоски се автори на музиката, текстот заеднички го напишаа Стефан Филиповски, Слаткар и Цветкоски. „Цел живот на робија, е тоа е историја“, вели текстот.
„Веруваме дека ова е песна што ќе остане. Тоа е за нас најважно, да имаме што да оставиме на генерациите кои доаѓаат”, велат „Некст тајм“.
За „Океани” се сними и видеоспот, што го режираше Мартин Филиповски, а го снимаше Кристијан Теодоров.
М. ЏАРОВСКА