ПРЕТСТАВАТА „СЕ СЛУЧИ ЕДНАШ ВО ЖЕНЕВА“ ГОСТУВА ВО ШТИПСКИОТ ТЕАТАР

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва (15 ноември) од 20 часот, во Народниот театар во Штип ќе се изведе претставата „Се случи еднаш во Женева“, во режија на Кристијан Атанасов, според драмата „Прошетка низ шумата“ од Ли Блесинг. Во претставата играат Јана Вељановска и Лазар Христов (фото). Идејата за сценографија е на Ненад Тонкин, а  фотографиите се на Ана Павловска.

„Се случи еднаш во Женева“ е интерпретација на вистински настан од 1982, кога американски и советски дипломати во Женева ги занемариле протоколите за време на мировни преговори и заминале на прошетка во шума. Претставата досега е изведена во Струмица и Скопје. Цената на билетите е 200 денари.

В сабота (16 ноември) во Штипскиот театар се игра претставата „Сите прекрасни нешта“, чија премиера беше во јуни. Во претставата ќе настапи поголем дел од актерскиот состав на Народниот театар во Штип: Ефтим Трајчов-Ѓаурски, Милорад Ангелов, Никола Ќузелов, Марија Минчева-Андонов, Анѓелка Нашкова, Ава Хусеини и Стефанија Митовска. Текстот е на Ана Ристоска-Трпеноска, а режисерка е Нела Витошевиќ. Учесници се и Јована Гркова-Павлова како придружба на клавир и Максим Нисев на виолончело.

Т. ЈОВАНОВСКИ