„Еднаш свет изградив“, по текст и режија на Јане Спасиќ, а по мотивите од романот „Сидарта“ од Херман Хесе, е новата претстава на младинската сцена во Театарот за деца и младинци, која премиерно се игра в среда од 20 часот.
Спасиќ на денешниот прес рече дека претставата е работена низ заеднички, експериментален процес, заедно со актерите од Театарот, Драган Довлев, Ненад Митевски, Наташа Петровиќ, Симона Спировска, Бојан Кирковски и деветгодишниот Михаел Стојановски.
Претставата е наменета за публика над 15 години.
„Приказната е за синот кој по подолго време доаѓа да го види татко си, кој има деменција и си замислува дека е Сидарта и дека ги доживеал неговите искуства од романот. Ние сакавме да ставиме една поблиска семејна приказна помеѓу татко и син и нивното наоѓање на смислата на животот и разбирање на некои одлуки кои ги направил таткото и дали истото треба да го направи синот. Претставата е многу динамична, се преплетуваат светот на фантазијата и реалноста, што е блиску до младинската динамика на приемање на нештата. Затоа мислам дека и тинејџерите ќе се пронајдат во односот со родителите, како и дека родителите ќе најдат интересни работи во воспитувањето на децата“, рече Спасиќ.
Сценографијата е на Мери Батакоја, костимите на Бранкица Јордановска, а музиката на композиторката Дарија Андовска.
Б. НЕСТОРОСКА