Џез гитаристот Владимир Василевски-Четкар во декември и во јануари ќе оди на турнеја низ САД и ќе настапи во неколку клубови со своја авторска музика.
Следниот месец тој ќе свири во Њујорк, Детроит, Кливленд и Колумбус, а во јануари има закажани настапи во Сан Франциско и Чикаго.
Македонскиот композитор, аранжер, продуцент, гитарист и пејач неодамна го издаде својот нов студиски албум „Let Us Be“ во Јапонија преку јапонската дискографска куќа „P-Vine Records“ и за него доби позитивни критики и радиоподдршка. Планот на Четкар е албумот да се издаде и во други земји, а паралелно ќе се промовираат и ремикси од неговите песни направени од странски диџеи и продуценти.