Изминатиот празничен викенд, илјадници посетители од Штип и од соседните градови присуствуваа на првиот ден од едномесечниот новогодишен и божиќен базар во Штип, а Битола го означи почетокот на празничната сезона на 10 декември со свечено палење на новогодишните светилки.
Целокупното централно градско подрачје во Штип во должина од два километра, улиците покрај реката Отиња и самиот кеј се новогодишно украсени, за што Општината предвиде да потроши околу 50.000 евра, заедно со целокупната програма. Украсени се и парковите пред училиштата, како и влезовите на градот од сите страни.
Новогодишниот и божиќен базар ќе трае цел месец на плоштадот Слобода и на новата пешачка улица Ванчо Прќе, каде ќе биде главната културно-уметничка и забавна програма.
Во Битола се украсени Широк Сокак и плоштадот Магнолија до Офицерскиот дом (фото), парковите кај Саат кулата и Старата чаршија, така што секој агол зрачи со празнична магија. Поставени се нови новогодишни украси, а искористени се и дел од претходните години.
Т. ЈОВАНОВСКИ / Ж. ЗДРАВКОВСКА