Денес (14 декември) во 20 часот во киносалата на Кинотеката ќе има специјална проекција на кратките филмови изработени од страна на младите филмаџии – учесници на работилницата „Филмска училница ФИЛМЕЈ“ која е во организација на Кинотеката на Гете институт – Скопје, а е дел од меѓународниот проект ФилмЕД.
Кратките филмови „Агент Блу“ на Јана Денковска, „Колач“ на Костадин Тасевски и „Фејктопија“ на Максим Котески и Алек Дуковски ќе бидат премиерно прикажани, по што ќе следи кратка дискусија за филмовите.
Филмските училници во чии рамки се направија овие кратки филмови се одржуваа секоја сабота во Кинотеката, во текот на првото полугодие од учебната 2024/25 година, и во нив учествуваа деца на возраст од 11 до 14 години. Тие, заедно со режисерот Саша Станишиќ, како и филмските автори Светислав Подлешанов и Кирил Каракаш учеа за филмската уметност и работеа на своите први кратки филмчиња, во улога на режисери, сниматели, актери и сценаристи.