ОТКАЖАН ИЗБОРОТ НА МИС ХОЛАНДИЈА, ОРГАНИЗАТОРИТЕ НАЈАВИЈА НОВА ПЛАТФОРМА ПОСВЕТЕНА НА МЕНТАЛНОТО ЗДРАВЈЕ

Холандија, (Си-Ен-Ен)

Изборот на Мис Холандија е откажан откако организаторите рекоа дека е време за промени.

Натпреварувањето повеќе нема да се одржува, а на негово место е воведена иницијатива која има за цел да ги инспирира младите на многу различни начини. Овој потег доаѓа нешто повеќе од една година откако судиите ја крунисаа првата трансродова победничка, Рики Коле (фото).

Во соопштението на веб-страницата на натпреварот беа објавени неговото затворање и воспоставувањето на нова платформа наречена „Надвор од ова време“ (Niet Meer Van Deze Tijd“).

„По долги години полни со гламур, талент и инспирација, Мис Холандија се збогува со името што се најде во срцата на многу луѓе. Но, ова не е крајот, ова е нов почеток. Светот се менува, а ние се менуваме со него. Мис Холандија се трансформира во платформа која се врти околу менталното здравје, социјалните медиуми, различноста, самоизразувањето и многу повеќе. Нема повеќе круни, туку приказни кои поврзуваат. Наместо фустани, соништа кои оживуваат. Овде ги инспирираме младите луѓе да бидат свои во свет кој постојано се менува“, кажаа организаторите.

Светот на изборите за убавина беше принуден да се модернизира во последниве години, бидејќи традиционалните вредности не им одговараат на помладите генерации. На овогодинешниот избор на Мис Универзум во Мексико за првпат се натпреваруваа жени на возраст над 28 години. Тоа уследи по промените од минатата година, кога се укина забраната за учество на бремени жени, мајки и жени кои се или некогаш биле во брак.