Весел детски концерт одржа Националниот џез оркестар во Филхармонијата на 15 декември. Во празничен дух, џезерите ги свиреа најпознатите новогодишни и божиќни песни за најмладата публика.
Овојпат, како солисти гостуваа млади пејачи: Лена Илиевска, Алексеј Ивановски, Нела Манческа, Ирина Давидовска и Бисера Мојаноска. Дел од гостите беа и хорот при ООУ „Дане Крапчев“ предводен од наставникот Ванчо Јовчев и балетското студио за класичен балет и модерен танц „Балерина” предводено од балетскиот педагог Маја Каревски.
Салата беше полна и децата, а со нив и возрасните, уживаа пеејќи ги песните кои ја најавуваат Новата година во нови, џез аранжмани. Диригент на концертот беше маестро Џијан Емин.
„Оркестарот продолжи со тенденцијата да ја доближи џез музиката до сите генерации“, рекоа од НЏО претходно.