Анџелина Џоли ретко зборува за својата приватност. Но, во новото интервју за Би-Би-Си, холивудската ѕвезда искрено зборуваше за своето искуство од работа на сет со нејзините најстари синови, велејќи дека ја гледаат болката што таа обично ја крие од нив.
Џоли глуми во новиот биографски филм „Марија“ за оперската пејачка Марија Калас. Две од нејзините шест деца со поранешниот сопруг Бред Пит, Медокс и Пакс, ги презедоа улогите на продукциски асистенти во филмот.
„Ликот на Калас има многу болка и секако ме виделе како поминувам низ многу работи, но не искусиле да изразам голема болка, што обично родителот ја крие од детето. Тие беа таму да сведочат на нешто од тоа, а потоа ќе се гушневме или ќе ми донесеа шолја чај“, рече Џоли.
Актерката додаде дека тоа е нов начин да дознае како да биде искрена со своите деца за нејзините чувства.
Напишан од сценаристот Стивен Најт, филмот се фокусира на последните години на Калас во 1970-тите, кога таа живееше во Париз. Со оглед на тоа што Џоли релативно ретко прифаќа актерски улоги во последните години, филмот е нешто како нејзино враќање и може да ѝ донесе номинација за Оскар за најдобра актерка.
Родена во САД, Марија Калас е една од најпознатите оперски пејачки на сите времиња. Во сцените со пеење во филмот се користи спој на гласот на Џоли и оригинални снимки од Калас. Џоли научила да пее опера за улогата, нешто што таа го опишува како „физички многу напорно“.
„Обуката траеше околу седум месеци. Тоа беше предизвик на многу начини. Кога почнаа часовите по опера, тоа беше многу поинаква физичка состојба“, рече Џоли.