Морскиот крокодил Барт, ѕвезда на филмот „Крокодилот Данди“ од 1986, угина на возраст од околу 90 години. Веста ја потврдија неговите старатели од природниот парк Крокосаурус Коув во Дарвин, Австралија, каде што пет метри долгиот Барт живееше од 2008.
„Со голема тага мораме да објавиме дека угина Барт, легендарниот крокодил и ѕвезда на австралискиот филмски класик ‘Крокодилот Данди‘. Барт угина мирно овој викенд на возраст од околу 90 години, што претставува крај на една неверојатна ера. Барт беше навистина единствен. Тој не беше само крокодил, тој беше сила на природата и потсетник на моќта и величественоста на овие неверојатни суштества“, објави паркот.
Просечната возраст на морските крокодили е 70 години, но некои можат да доживеат и до 100 години.
Барт бил фатен во почетокот на 1980-тите, пред да се појави во филмот „Крокодилот Данди“.