Во скопското кино „Милениум“, вечерва се одржа премиерата на новиот филм на македонскиот режисер Милчо Манчевски, американско-германската копродукција „Бикини Мун“, на која присуствуваа бројни актуелни и поранешни функционери, бизнисмени, актери, музичари и поети.
Пред премиерата беше прикажан петминутниот филм на Манчевски, „Крајот на времето“, а веднаш по премиерата, во 22 часот, „Бикини Мун“ почна да игра на редовниот репертоар на киното.
Манчевски, најнаградуван македонски автор, вели дека „Бикини Мун“ е една современа трагедија или, поточно, филм во филм, лажен синема верите документарец.
Главните улоги ги играат Кондола Рашад, Сара Голдберг, Вил Џеновиц, Сатја Сридхаран и Микал Мишел Харис.