Навиките за спиење влијаат на сексуалниот живот на двојките, вели д-р Филис Зи, шефицата на Катедрата за медицина за спиење на Медицинскиот факултет на Универзитетот Фајнберг во Чикаго.
„Кога сексот веќе не е ист со вашиот партнер, кој е првиот виновник за тоа? Прекумерна работа? Мали деца? Проблеми во врската или најлошото сценарио – афера? Можеби треба да ги погледнете вашите навики за спиење како двојка. Не реагирајте веднаш со ‘Мојот партнер едноставно не е заинтересиран’ или ‘Премногу сум уморен за да имам секс’. Погледнете се себеси, погледнете ги вашите навики за спиење и земете ги предвид и оние на вашиот партнер“, вели Зи.
Неквалитетниот сон е директно поврзан со несоодветното ниво на полови хормони, како тестостерон и тоа не важи само за мажите.
„Сексуалниот нагон и кај мажите и кај жените е поврзан со тестостеронот, кој го зголемува либидото. Тестостеронот почнува да расте околу 3 или 4 часот и го достигнува својот врв наутро. И студиите покажаа дека ако сте го нарушиле сонот, тие нивоа паѓаат“, додава професорката.
Анализа на студиите од 2021 покажала дека мажите кои биле лишени од сон имале пониски нивоа на тестостерон, додека друго истражување покажало дека мажите со нарушен сон имале и пониски нивоа на тестостерон и повисоки количини на кортизол, хормонот на стрес.
Меѓутоа, кога спиењето станува приоритет, сексуалниот живот може да се подобри. Студија за спиење и секс од 2015 која опфати студенти покажала дека секој дополнителен час сон е поврзан со подобрено либидо, поголемо подмачкување на вагината и со зголемување на желбата за секс за 14 отсто следниот ден.
(Фото: Гети)