На 17 и 24 јануари со почеток во 20 часот, во Националната опера и балет ќе се изведат балетските едночинки „Шехерезада“ и „Валпургиска ноќ“, една по друга во иста вечер.
Балетот „Шехерезада“ од Корсаков, работен по мотиви од приказните од „Илјада и една ноќ“. ќе го диригира Бисера Чадловска. Кореографијата е на Русинот Михаил Крапивин, сценографијата е на Марија Ветероска, костимите на Маја Бурсаќ од Србија, а концерт-мајстор е Верица Ламбевска. Играат Наташа Трендафилова-Гицев, Ивана Коцевска, Илијана Данилов, Франциско Хименес Руис (Шпанија), Балаж Лочеи (Унгарија) и Валери Љубенко (Украина).
Во вториот дел ќе се изведе „Валпургиска ноќ“ од Шарл Гуно, балетскиот дел од операта „Фауст“. Диригент е Бисера Чадловска, кореографијата е на Михаил Лавровски, режијата на Јуриј Мјачин од Русија, сценографијата е на Илија Аризанов, а костимите на Изабела Поњавиќ. Настапуваат Марија Кичевска-Шокаровска, Христина Наќевска-Митрашиновиќ, Франциско Хименес Руис, Балаж Лочеи и Валери Љубенко, заедно со првенци, солисти и балетскиот ансамбл и оркестарот на НОБ.
„Валпургиска ноќ“ е првата премиера на Балетот на тогашниот Македонски народен театар, која се извела на 27 јануари 1949 во кореографија на Ѓорѓи Македонски.
Билетите чинат 600 денари.