ЗДРУЖЕНИЕТО НА СЛЕПИ ЛИЦА ОД ВЕЛЕС ИЗДАДЕ ДВЕ НОВИ КНИГИ СО БРАЈОВО ПИСМО

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Здружението на слепи лица на Општина Велес на почетокот на годинава отпечати две нови книги со Брајово писмо, наменети за лицата со проблеми со видот. Издадени се „Еден незаборавен Божиќ“ од Лиса Клејпас и „Галебот Џонатан Ливингстон“ од Ричард Бах. Печатењето финансиски го помогна Општина Велес, а беа издадени по повод Меѓународниот ден на Брајово писмо и образование на лицата со оштетен вид.

Здружението досега има издадено 60 книги со Брајово писмо. Примероци од новите изданија беа предадени во Брајовото катче на градската библиотека „Гоце Делчев“ во Велес. Таму сега има 65 книги, лектири, белетристика, дела од македонски автори и 14 аудиокниги издадени на цедиња. Меѓу другите, го има и Светото писмо евангелие според Лука.

П. ПЕЧКОВ