ОМИЛЕН ПЕРИОД ОД „БИЈЕЛО ДУГМЕ“ НИ Е ВРЕМЕТО СО БЕБЕК, РЕКОА ОД МАКЕДОНСКИОТ БЕНД „БЕЛО КОПЧЕ“ НА ПРОМОЦИЈАТА НA НОВИОТ СПОТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Облечени како култниот босански бенд „Бијело дугме“ во 1970-тите, неколкумина македонски музичари сношти (30 јануари) промовираа нови песна и спот како трибјут бендот „Бело копче“. Песната е со наслов „Сувенир од Сараево“ (Сувенир из Сарајева).

Бендот е основан од гитаристот Стевче Грозданов и пејачот Зоран Рудан-Цеки. Заедно со нив свират и Горан Гешовски на бас, Борислав Драганов на клавијатури и Емил Милев на тапани. Инспирацијата им е легендарниот босански бенд и оттаму и насловот на новата песна, за која музиката ја напиша српскиот продуцент и менаџер Саша Драгиќ. 

Ако бирам кој период од ‘Бијело дугме’ најмногу го сакам, тоа е најраниот, кога пееше Жељко Бебек и тоа е репертоарот кој најмногу го свириме на настапите“, рече Зоран Рудан-Цеки, кој беше облечен како Бебек на почетокот од кариерата.

Драго ми е што ја прифативме идејата на Саша Драгиќ да снимиме наша авторска песна која потсетува на ‘Бијело дугме“, рече гитаристот Грозданов.

Текстот е на Владимир Митровиќ, а аранжманот на Стевче Грозданов, кој ја програмирал и ја отсвирел песната. Снимена е во студиото „Целофан“ во Скопје, а миксот и мастерингот се на Горан Гешовски. Во спотот глуми актерката Катерина Шехтанска, а режисер е Александар Ристовски-Принц.

Музички, целата песна оддава амбиент на прочуената сараевска школа од средината на 1970-тите и 1980-тите“, кажа новинарот Антонио Димитроевски, кој ја водеше промоцијата.

По промоцијата, бендот продолжи со настап со хитовите на „Бијело дугме“.

М. ЏАРОВСКА