Тројцата живи членови на „Нирвана“ (фото) неочекувано се обединија на сцената на големиот хуманитарен концерт „Фајрејд“ за помош на настраданите во неодамнешните катастрофални пожари во Лос Анџелес.
Тапанарот Дејв Грол, басистот Крист Новоселиќ и повремениот гитарист Пет Смир отсвиреа четири класици на „Нирвана“, а покојниот пејач Курт Кобејн го менуваа женски вокали – Сент Винсент, Ким Гордон и Џоан Џет. На последната песна, на бината излезе ќерката на Грол, Вајолет.
Грол, Новоселиќ и Смир последен пат свиреа заедно во 2014, на приемот на „Нирвана“ во Рокенрол салата на славните.
Импресивен состав музичари се собра за добра цел во градот Инглвуд во Лос Анџелес. Шоуто го отворија панк рокерите „Грин деј“, а потоа актерот Били Кристал ја поздрави публиката и објави дека „Ју-Ту“ штотуку дале донација од милион долари.
Кристал рече дека го изгубил својот дом во Пацифик Палисејс во пожарот и зборуваше за болката што ја чувствувал откако ги изгубил и спомените поврзани со куќата.
„Ќе биде во ред. Со ваша помош низ целата земја и овде, повторно ќе се смееме. Ќе слушаме музика повторно и ќе бидеме добро“.
Пинк отпеа скратен акустичен сет, вклучително и преработка на хит на Џенис Џоплин.
Подоцна, Слеш изненадувачки ѝ се придружи на групата „Блек кроус“ на песна од „Лед цепелин“.
Меѓу ѕвездите кои настапија беа и „Ред хот чили пеперс“, Аланис Морисет, „Ноу даут“, Лејди Гага, Кејти Пери, Стиви Вондер, Били Ајлиш, Род Стјуарт, Доктор Дре и други.
(Фото: АП)