Оперскиот пејач Владимир Саздовски на 31 јануари имаше премиера во Тел Авив, настапувајќи во операта „Отело“ од Верди во Израелската опера. Саздовски, кој е вработен како бас во Националната опера и балет (НОБ) од 2006, изминативе години настапува во Италија и Кина.
Тој ја пее главната басовска улога Лодовико, а екипата е интернационална. Веќе еден месец е во Тел Авив и вели дека искуството е исклучително.
„Во споредба со Скопје, во текот на јануари и февруари овде воздухот е значително почист, а времето останува прекрасно сончево, со температури кои се движат околу 22-23 Целзиусови степени. Единственото нешто за кое пред да тргнам имав резервирани чувства беше ситуацијата во која се наоѓа Израел. За среќа, освен два-трипати кога се огласија сирените за ракетен напад кој успешно беше неутрализиран, животот се одвива нормално. Луѓето се движат нормално, излегуваат во ресторани и кафулиња, плажата е преполна, како ништо да не се случува“, ни рече Саздовски.
„Отело“ првично требала да има 10 изведби, но поради големата заинтересираност и распродажбата на билетите, била додадена уште една.
„И кога ќе го земеме фактот дека Операта има нешто повеќе од 1.600 седишта, дека Тел Авив по број на жители е помал од Скопје и дека се во воен конфликт, навистина е импресивно како го постигнуваат тоа“, вели Саздовски.
Б. НЕСТОРОСКА