Публиката во Филхармонијата сношти (9 февруари) беше како петти член на „40 фингерс“, гитарскиот квартет кој одржа концерт во Скопје. Скопјани пееја со гостите од Италија, ракоплескаа во ритам и танцуваа на светските хитови кои мајсторски ги свири квартетот. Најгласни беа на „Боемска рапсодија“ од „Квин“ на крајот од концертот. Убава слика беше да се види толку среќна и расположена публика.
„Вечерва свириме за сите оние кои сакаат да танцуваат, најмногу за жените“, рече еден од членовите на бендот Андреа Витори пред „Мама Миа“ од „АББА“, која ја разигра женската публика.
![](https://smart.sdk.mk/wp-content/uploads/2025/02/40-fingers-1.png)
Квартетот основан во 2017 го сочинуваат четворица италијански гитаристи кои свират на инструментите директно со прсти. Позната по својот иновативен звук, групата има разновиден репертоар, од оригинални песни до обработки, од хард рок до класика.
Скопје на овој ретко убав концерт слушна песни од „Квин“, Ерик Клептон, „Тото“, „Битлс“, „АББА“, „Дајр стрејтс“ и филмски теми. Бендот досега има објавено еден студиски и два концертни албума. Концертот го организираше продукцијата „Пасворд“.
М. ЏАРОВСКА
Фото: К. ПОПОВ