БУГАРСКИОТ АВТОР ТЕРЗИЈСКИ ВО ВЕЛЕС ГО ПРОМОВИРАШЕ РОМАНОТ „ЅВЕЗДИ ПОД КЛЕПКИТЕ“

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Во медиотеката на Градската библиотека „Гоце Делчев“ во Велес беше промовирана книгата „Ѕвезди под клепките“ на бугарскиот автор Николај Терзијски. Преводот од бугарски јазик е на Виолета Танчева-Златева, а книгата е издание на издавачката куќа „Три“.

„Во романот ‘Ѕвезди под клепките’ ќе ги најдете одговорите на некои од најголемите загатки на животот: Каде, кога и како ја среќаваме љубовта? Како ја препознаваме? Дали во тоа ни помагаат ѕвездите што ни треперат под клепките, фосфените?“, изјави Терзијски.

„Во стилот на големите мајстори, Терзијски нѐ води на возбудлива прошетка низ времето и судбината, поткревајќи ја пред нашите очи завесата на животот. За него, некаде под очните капаци на секој од нас има нешто многу поголемо, до што малкумина успеваат да допрат и со кое гледаат многу повеќе отколку што нуди реалноста“, кажа промоторката Танчева-Златева.

Изминатиот период во велешката библиотека своите дела лично ги промовираа и норвешката авторка Хилде Миклебуст и полскиот автор Павел Беренсевич.

П. ПЕЧКОВ