Кантавторот Дарио ќе добие награда за трајни музички вредности на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“, која ќе се одржи на 19 февруари од 20 часот во салата „Борис Трајковски“. Дарио вели дека неколку години по ред организаторите на шоуто сакале да му ја дадат оваа награда и годинава ја прифатил, иако има уште многу да даде во домашната музика.
„Драго ми е што ќе ја добијам наградата за трајни музички вредности затоа што планирам уште долго да траам. Да беше за животно дело, немаше да ја прифатам, тоа значи пензионирање“, ни рече Дарио.
Овој период за него е многу инспиративен и наскоро планира да издаде нов албум.
„Претходно ми се случуваше и една и пол година да немам никаква инспирација за песна. Сега пишувам и по две-три за краток период. Ме будат од сон. Во сон ќе ми дојде некој стих или мелодија, се будам среде ноќ и се снимам на телефон“, ни рече Дарио.
Лани во октомври, Дарио доби најголем аплауз од сите учесници на фестивалот Макфест. Кантавторот, кој 26 години не бил на Макфест, ја испеа „Засекогаш млад“, која ја напишал за себеси и за својата генерација, нарекувајќи се Петар Пан.
„Пеев на првиот Макфест со групата ‘Бон тон’. Првата пeсна беше ‘Старо купувам’. Значи, Макфест буквално почнал со мене“, кажа тогаш Дарио.
Во февруари 2023, Дарио го одбележа 40-годишниот јубилеј на музичката сцена со два концерта во Филхармонијата. Тој ја почна кариерата во групата „Бон тон“. Има објавено четири соло албуми и еден албум во живо. На 28. издание на „Златна бубамара на популарноста“ публиката ќе слушне микс од неговите најголеми хитови со неговиот бенд „Миг 21“ проширен со гудачи, а ќе го следат танчарите од „Денсерс јунајтед“.
Годинашниот слоган на манифестацијата е „Вештачка интелигенција за владата – природна забава за народот“. Билетите се продаваат преку мрежата на Мк тикетс.
М. ЏАРОВСКА