СЕ РАДУВАМ ШТО ПРВПАТ ЌЕ НАСТАПУВАМ ВО „БУРЏ ХАЛИФА“ ВО ДУБАИ, ВЕЛИ СЛАТКАРИСТИКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Слаткаристика ќе одржи концерт во Дубаи за Македонците и за иселениците од регионот на 23 февруари во ресторанот „3БК“, кој се наоѓа во „Бурџ Халифа“, највисоката зграда на светот.

„Се радувам што за првпат ќе настапам во ‘Бурџ Халифа‘“, вели раперот за концертот што го организира „Маседонијан конекшн“.

На 5 април, тој ќе има заеднички концерт со неговиот колега Тони Зен во арената „Борис Трајковски“, во организација на „Прагма“. Слаткар и Зен ја најавија новата песна „Еуфорија“ во која зборуваат за оние кои озборуваат, а ќе се промовира на 24 февруари.

Слаткар и Тони Зен на крајот од минатата година ја снимија и дуетската песна „Жими сè“.

„Текстот на песната носи препознатливи искрени пораки, со доза на хумор, реалност и урбана филозофија“, рекоа Слаткар и Тони Зен, кои ја почнаа својата соработка пред 18 години, нарекувајќи ја „Хип-хоп револуција“.

За своето семејство, Слаткар ја напиша песната „Да полетам“ и вели дека отсекогаш бил фино дете и имал љубов дома, иако немал пари. За неговиот син Моша, кого го доби со Сања Николиќ, вели дека има сѐ и никогаш не би можел да стане рапер затоа што не го живеел животот што тој го поминал во Ново Лисиче.

„По карактер сум многу сличен на татко ми. Тој беше многу брз човек. И мене многу брзо ми мисли главата, ама бавно зборам. Да можат полесно да ми излегуваат зборови од уста, сешто би кажувал, вака имам време да размислам“, рече Слаткар во подкастот на САКАМДАКАЖАМ.МК, „За секого по нешто“.

М. ЏАРОВСКА

Фото: К. Попов