ДА ПОБЕДИШ НА ДЕТСКАТА ЕВРОВИЗИЈА ВО МАЛТА, Ѝ РЕЧЕ СЛАТКАРИСТИКА НА АНА СТОЈАНОСКА И ЈА ПОКАНИ ДА ЗАПЕЕ НА КОНЦЕРТОТ ВО ОХРИД

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Младата пејачка Ана Стојаноска, која ќе ја претставува Македонија на Детската Евровизија, беше најголемото изненадување на спектаклот што Слаткаристика го направи во Охрид, на неговиот концерт на Илинден, на стадионот „Билјанини извори“.

Раперот ја забележа Ана во првиот ред на концертот и ја повика на сцената за да ѝ даде поддршка пред настапот во октомври во Малта.

„Дали јас добро гледам? Дали ја гледам Ана Стојаноска, нашата претставничка на Детскиот Евросонг, во публиката? Ајде, злато, качи се на сцената и покажи им на сите што знаеш. Ова е голема ексклузива. Ана за првпат ќе пее на голема сцена во Македонија, пред да настапи на светската сцена во Малта. Да ни донесеш победа оттаму“, ѝ рече Слаткар на талентираната пејачка од Струга.

Таа го испеа хитот „Сара“ на Слаткар заедно со публиката, му рече дека е негов голем фан и му се заблагодари за шансата. Во публиката коментираа дека Слаткаристика е голем човек што им дава шанса на младите пејачи.

Ана Стојаноска ќе ја претставува Македонија на Јуниорскиот Евросонг 2026 со песната „Идната јас“.

Детската Евровизија ќе се одржи на 24 октомври во Валета, Малта.

Песната ја напиша Никола Мицевски, а текстот е на Илчо Нечовски од популарниот бенд „Дупер“. Од МРТ рекоа дека Ана Стојаноска е избрана по пат на аудиција.

 

М. ЏАРОВСКА