СЛАТКАРИСТИКА СО СИНОТ МОША ЈА ИСПЕА „НАСМЕВКА“ И ОДРЖА КОНЦЕРТ ЗА ПАМЕТЕЊЕ НА ПОЛН СТАДИОН ВО ОХРИД

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Слаткаристика го наполни стадионот „Билјанини извори“, на еуфоричниот концерт кој на Илинден го одржа во Охрид. 
Концертот почна со детски хор кој ја испеа песната „Да полетам“. Публика од сите генерации во еден глас ги пееше хитовите со херојот од денешно време, како што го нарече Калиопи, една од гостинките на концертот.
„Не знам како ми успеа да снимам песни со најголемата наша музичка ѕвезда. Има нешто по кое сум им симпатичен. Кога ми се јави да соработуваме, не можев да поверувам дека е вистина“, рече Слаткаристика кога ја најави Калиопи. Потоа, тој се потсети на една Нова година која ја славел со пријатели. Тогаш имал 14 години, кога „Обои ме“ на Калиопи беше хит, и рече дека ја пуштил околу 20 пати. Ова е само еден од моментите од концертот кој по многу нешта ќе се памети и ќе се прераскажува.

Калиопи и Слаткар имаат снимено два дуета (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

„Овој човек го сакам најмногу на светот“, рече Слаткар за шестгодишниот син Моша, па го повика на сцената и му ја испеа „Насмевка“, песната што му ја напиша. Ова беше најемотивниот момент на концертот, со најмногу аплаузи. На песната „Кажи да“, тој на крајот од сцената ѝ пријде на сопругата Сања Николиќ и ѝ ја запеа песната со која ја запроси.
Раперот Тони Зен, Слаткар го нарече негов брат кој пред 18 години му пружил рака и го поддржал. Тони Зен беше првиот, но и еден од највпечатливите гости.
Младата публика врескаше за српскиот рапер Цоби, кој вети дека наскоро ќе одржи концерт во Македонија. Гостуваше и бугарскиот рапер Криско, кој на публиката ѝ кажа: „Ја сакам Македонија“ и заедно со нив ја испеа „Македонско девојче“.
„Некст тајм“ го честитаа Илинден со нивната хит-преработка на „Ја излези Ѓурѓо“, но и со „Бисер балкански“ од Гоце Николовски, која младата публика гласно ја пееше со нив. Со Слаткар во дует, го испејаа хитот „Океани“, која Слаткар го посвети на „нашите браќа и сестри кои не се во Македонија на Илинден“.

„Некст тајм“ ја пееја „Бисер Балкански“ (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

Големината на Слаткар е што секогаш ги поддржува колегите, па бендот „Дупер“ тој го нарече македонските „Битлс“ и „Колдплеј“. По хитот „Може, може“ и дуетот „ОК“, Слаткар ги повика сите да дојдат на концертот на „Дупер“ на 5 август на Античкиот театар во Охрид.
За Христијан Настески-Пајак, Слаткар рече дека е омилен на син му, а публиката топло го пречека пејачот од Охрид. По настапот на Тајзи, младите бараа уште, а вресоци се слушаа и за време на настапот на „2Бона“. Во песната „Госпоѓа Сара“, изненадување беше Тина Русева, струмичанката која живее во Германија и победи на натпреварот „Гласот на Европа“. Настанот го отвори рап-групата „Зи бомб“, а гостин беше и диџеј Че, братот на Слаткар.
„Доброто со добро се враќа, другото не е опција. Сум пробал и од едното и од другото, но секогаш треба да се свртиме кон доброто“, рече Слаткар при крајот.

Тони Зен (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

„Прагма продукција“ се мангупи и организираа концерт на Илинден на македонски музичар. Ова е голем ден и треба ваквите концерти да станат традиција“, рече Слаткар при крајот.
Со нивни песни и слики на видеобим, тој им оддаде почит на Тоше Проески, Влатко Илиевски, „ДНК“ и Владо Јаневски. Со насолзени очи, Слаткар испеа дел од „Што и да е ќе помине“, баладата од Владо Јаневски, кој беше неговиот омилен македонски поп-пејач.
Концертот заврши со најголемиот хит на Слаткар, „Да полетам“, кој го претвори стадионот во ѕвездено небо. Среќна публика си замина од концертот пеејќи песни од момчето кое скромно почна како локален рапер од Ново Лисиче и стана голема ѕвезда која полни стадиони.

М. ЏАРОВСКА