Групата „Меморија“ најави издавање на троен албум во живо од нивниот концерт во салата “Борис Трајковски“, кој се одржа на 16 ноември лани. Албумот ќе излезе на винил и на цеде.
Основачот на бендот, басистот Петар Георгиевски-Камиказа, се сеќава дека „Оган под ѕвездите“ на „Меморија“ бил првиот албум издаден на македонски јазик за тогашната Радио Телевизија Скопје, во 1989.
„Овој албум е првата плоча на македонски јазик во издание на тогашната Радио Телевизија Скопје во 1989. Значи, носи број 001. Од овој албум почнува македонската рок пролет и во годините што следат, во продукција на МРТВ ќе излезат преку 100 изданија. Во студиото М-2, заедно со Тоше Панајотов како тон мајстор и Валентино Скендеровски како продуцент, беше снимен ‘Оган под звездите’. Скоро два месеца работевме на овој материјал и со право многумина дадоа висока оцена за техничкиот и музичкиот квалитет. Овој албум во тогашен ‘Југотон’ беше веднаш распродаден и по тираж ги победи тогаш популарните ‘Бијело дугме’ и ‘Рибља чорба‘“, вели Петар Георгиевски-Камиказа.
Кон крајот на годината, бендот ќе издаде нов албум на кој ќе има десет песни, од кои пет се веќе промовирани. Дел од новиот албум ќе биде и новата верзија на хитот „Дирлада“, во придружба на дувачки состав.
Како дел од славењето на 40 години од бендот, во Младинскиот културен центар ќе се одржи изложба на фотографии и плакати. По изложбата ќе има акустичен концерт во Денсинг салата.
Фото: Ѓ. Личовски