Актерката и пејачка Селена Гомез се инспирирала од иконата на италијанскиот филм Софија Лорен за својот стил на годинашното доделување Оскари. Ѕвездата на филмот „Емилија Перез“ носеше креација на „Ралф Лорен“, на кој имаше преку 16.000 стакленца во форма на капки и рачно сошиени кристали од „Розмонт“.
Фустанот бил изработен од 12 италијански занаетчии, кои го бришеле стаклото со воздух за да постигнат розова омбре завршница што трепереше при секое движење. Гомез (32) го комплетираше изгледот со брановидна боб фризура и дијамантски ѓердан и обетки.

Нејзината стилистка Ерин Волш изјави дека сакале да ја доловат „магијата на Софија Лорен“, една од најпознатите италијански актерки. Гомез и Волш дури се консултирале со поранешниот кројач на Лорен додека го планирале стајлингот.
Според Си-Ен-Ен, во гламурозната ноќ во театарот „Долби“ во Лос Анџелес изгледот на Гомез беше еден од највпечатливите.
Гомез пристигна на доделувањето со свршеникот Бени Бланко и ги претстави категориите најдобар документарен краток филм и најдобар документарец заедно со Семјуел Л. Џексон. Нејзиниот филм „Емилија Перез“ беше номиниран за 13 Оскари, но доби само два: за најдобра споредна женска улога (Зое Салдана) и за најдобра оригинална песна.
(Фото: Гети)