ФАНОВИТЕ БАРААТ МЕРИЛ СТРИП ДА ЈА ЗАМЕНИ КЕРИ ФИШЕР КАКО ПРИНЦЕЗАТА ЛЕЈА

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Фановите на „Војна на ѕвездите“ покренаа петиција Мерил Стрип да ја преземе улогата на принцезата Леја во следниот филм од франшизата.

Тоа е улогата што ја прослави Кери Фишер, но таа почина на крајот од 2016 година, па сега фановите ги повикаа „Дизни“, „Лукасфилм“ и режисерот Џеј Џеј Абрамс таа да биде заменета со Мерил Стрип во „Епизода 9“.

Петицијата, која уследи откако се појавија шпекулации дека на Стрип ќе ѝ биде понудена оваа улога, ја опишува трикратната оскаровка како идеален кандидат.

„Со три оскари и со 20-ина номинации, нејзините постигнувања во филмот одамна се признати. Како близок пријател со Кери Фишер, Мерил Стрип, можеби, ќе биде под огромен притисок во оваа улога, но ние веруваме дека таа е најголемата надеж да се продолжи наследството на Фишер во ‘Епизода 9‘“, се вели во петицијата.

Притоа се нагласува улогата на Стрип во филмот од 1990 година „Разгледници од работ“, за кој токму Фишер го напиша сценариото.

„Во тој филм, Стрип ја игра Сузен Вејл, лик за кој се верува дека е заснован врз Фишер. Од тој филм произлезе и големото пријателство помеѓу Мерил и Кери“, стои во петицијата, која досега собра 8.500 потписи.

Се верува дека принцезата Леја требаше да биде во центарот на приказната на „Епизода 9“, што треба да излезе во декември 2019 година, но сценариото било изменето по смртта на Фишер.