Култната песна „Македонија“ од Дадо Топиќ и групата „Тајм“ се наоѓа на новиот албум на хрватскиот рокер „Дадо Топиќ, во живо од Керемпух“, што го издаде „Кроација рекордс“.
Хрватската музичка куќа го издаде албумот на двојна плоча со 17 песни. Меѓу нив се и понови песни на рокерот, но и хитот „Принцеза“, кој го испеа со српската пејачка Слаѓана Милошевиќ, која почина во март лани. На новата верзија му гостува Ивана Хусар-Млинац. На албумот се најде акустичен настап на Топиќ во театарот Керемпух во Загреб.
Во август 2024, Топиќ го затвори Охрид фест со песната „Македонија“ и доби награда за својот 60-годишен јубилеј.
„Во Македонија се чувствувам величествено, луѓето ме застануваат на секој чекор, на аеродром, на улица, во ресторан, сите се заблагодаруваат за песната ‘Македонија’ и велат: ‘Дадо, ни подари најубава песна, тоа е нашата химна‘“, рече Топиќ во Охрид.
Лани, тој сними дует со младата поп-пејачка Ана Петановска. Песната се вика „Бисери во твоите очи“ (Бисери у твојим очима) за која музиката ја напиша Григор Копров, текстот е на Душан Бачиќ а аранжманот е на Стефан Петановски, братот на Ана Петановска.
(Фото: Кроација рекордс)