Селин Дион ги предупреди фановите дека на интернет кружат песни генерирани од вештачка интелигенција.
„Музика што не е одобрена, генерирана од вештачка интелигенција, која наводно ги содржи музичките изведби на Селин Дион моментално циркулира на интернет низ различни платформи. Ве молиме, имајте предвид дека овие снимки се лажни, не се одобрени и не се песни од мојата официјална дискографија“, рече канадската ѕвезда.
Иако Дион не именуваше некои посебни снимки, употребата на вештачката интелигенција е сè почесто тема на дебата во музичката индустрија.
Во април 2024, повеќе од 200 музичари, меѓу кои Били Ајлиш, Џа Рул, Џон Бон Џови, браќата Џонас, Кејти Пери и Миранда Ламберт, напишаа отворено писмо во кое зборуваат за заканите поврзани со вештачката интелигенција во музичката индустрија.
Дион (56) неодамна се врати во јавност откако беше принудена да направи пауза поради синдромот на вкочанета личност, ретка невролошка состојба што се карактеризира со мускулна ригидност и грчеви, зголемена чувствителност на звук и светла и емоционална вознемиреност. Таа ја откри својата дијагноза во декември 2022. Триумфално се врати на отворањето на Олимписките игри во Париз во јули 2024, пеејќи ја класиката на Едит Пјаф „Химна на љубовта“, качена на Ајфеловата кула.