ПРЕМИЕРА НА КУКЛЕНАТА ПРЕТСТАВА „ТОБИ“ ВО ТЕАТАРОТ ЗА ДЕЦА И МЛАДИНЦИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Куклената претстава „Тоби“ по текст на Флоријан Зденек, а во режија на Драгослав Тодоровиќ од Србија, е новата претстава на Театарот за деца и младинци, чија премиера е закажана за вечерва во 19 часот.

Куклите-животни во „Тоби“ се во нивната оригинална големина, а со нив работат актерите Марија Ѓорѓијовска, Катарина Илиевска-Силјановска, Винета Дамческа-Мојаноска, Ана Левајковиќ-Бошков и Мики Анчевски.

Јазовичарот Тоби е главен лик во претставата (Фото: Театар за деца и младинци)

„Постои нешто, особено кај младите, што изгледа како непремостлива пречка и никако не сте задоволни од сопствениот изглед. Текстот е многу интересен за мали деца, но и за адолесценти, бидејќи тие имаат најмногу превирања кога доаѓаат во лудите или магарешки години, кога ништо не им се допаѓа на нивното тело. Постојано се незадоволни, сѐ додека не ја согледаат личноста, а не ликот. Затоа би порачал, немојте да се китите со туѓи перја. Ќе излезете смешни“, вели Тодоровиќ, кој по третпат работи во ТДМ, по „Силјан штркот шанца“ и „Јане Задрогаз“.

Креацијата на куклите, костимите и на сценографијата е на Ирина Сомборац од Белград, со помош на Кирил Василев и Љубица Велкова.

Видео-анимацијата е на Емил Петро, а музиката на Виктор Апостолоски.

Б. НЕСТОРОСКА