„ХАБЛ“ ДОБИВА НАСЛЕДНИК ВО ЗЛАТНИОТ ТЕЛЕСКОП ОД 8,8 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ

Њујорк, (Си-Ен-Ен)

НАСА се подготвува да го пушти во употреба својот најдобар и најмоќен вселенски телескоп досега, со кој ќе се гледа во ѕвездите низ златно огледало.

Телескопот наречен „Џејмс Веб“ е составен од 18 делови направени од берилиум, редок метал кој истовремено е цврст и лесен, обложени со микроскопски тенок слој чисто злато заради максимална рефлексивност. Тој ќе се простира на 6,5 метри.

Лансирањето на телескопот се очекува во 2020 година (Фото: Си-Ен-Ен)

„Вака големо огледало никогаш досега не било лансирано во вселената“, вели Ли Фајнберг, кој работи на проектот.

Лансирањето на телескопот вреден 8,8 милијарди долари се очекува во 2020 година и тој ќе им овозможи на астрономите досега невиден увид во вселената.

„Телескопот ‘Џејмс Веб‘ ќе ги реши мистериите на нашиот сончев систем, ќе може да погледне во далечни светови зад други ѕвезди и ќе ги испитува мистериозните структури и потекло на универзумот и нашето место во него“, смета Фајнберг.

Огледалото на телескопот е составено од 18 делови направени од берилиум, обложени со тенок слој чисто злато (Фото: Си-Ен-Ен)

„Веб“ треба да биде соодветен наследник на „Хабл“, што беше лансиран во 1990 година, но ќе може да се испрати повеќе од милион километри во вселената, до специфична локација наречена Л2.

Секој од 18-те сегменти на „Веб“ тежи 20 килограми и е широк 1,3 метри, што ќе значи и подобри перформанси. Тој е речиси изграден и во наредниот период ќе биде тестиран во Редондо Бич, Калифорнија.