СИСТЕР БЛИС ОД „ФЕЈТЛЕС“ СО ДИЏЕЈ СЕТ НА „СКОПЈЕ КОЛИНГ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Систер Блис, членка на прославената британска електронска група „Фејтлес“, ќе настапи со диџеј сет на годинашното издание на фестивалот „Скопје колинг“, што ќе се одржи на стадионот на АРМ во Скопје.

Во последните две години, кога нејзиниот матичен бенд мирува, 46-годишната Ајала Дебора Бентовим, позната под уметничкото име Систер Блис, настапува на светските музички фестивали со проектот „Фејтлес диџеј сет“ и во тоа издание ќе може да се слушне и во Скопје на 3 јуни.

Македонската публика ѝ е веќе добро позната на Систер Блис, имајќи предвид дека претходно двапати има настапено со „Фејтлес“ во Скопје.

Претходно, на 2 јуни, на „Скопје колинг“ ќе настапи и Алан Вокер.

Влезниците ќе бидат пуштени во продажба в четврток преку продажната мрежа на „Купи карти за сѐ“ и онлајн по цена од 600 денари. Истиот ден ќе бидат пуштени и блок-влезници за Алан Вокер и Систер Блис по цена од 1.300 денари.