Илина Георгиева освои медал на Специјалната олимпијада во Торино во категоријата денс спорт, во конкуренција на танчари од 44 земји. Таа се враќа дома со сребрен медал, додека танчарот Стефан Трпковски го освои четвртото место во неговата конкуренција. Кореографиите се подготвуваа во танцовото студио „Еурека“.
Георгиева и Трпковски велат дека натпреварување од ваков тип за нив е предизвик, задоволство и животно искуство.
„Си поминав многу убаво со тимот на Специјална олимпијада. Целото патување за Италија беше многу возбудливо и сите бевме добро расположени. Бев многу возбудена пред настапот, имав трема. Кога почна музиката на Тоше, се опуштив и уживав во танцот. Сите ми ракоплескаа додека играв. Тоа ме направи среќна. Освоив сребрен медал во спортски танц, на сцената ми беше многу убаво и би сакала пак да настапам со нова песна. За да го постигнам ова, многу ми помогнаа Кате и Стефи од ‘Еурека’. Имавме напорни проби, ама на крајот сѐ испадна супер. Со Стефан цело време бевме заедно, се дружевме убаво и ја претставивме Македонија како што треба“, ни рече Илина Георгиева.

Специјалната олимпијада во Торино се одржуваше од 7 до 16 март. Учествуваа шестмина спортисти од Македонија, двајца во алпско скијање, двајца во нордиско скијање и двајца во денс спорт.
„Си поминав прекрасно. Целото поминато време беше возбудливо, исполнето со многу насмевки. Пробите, квалификациите и самиот натпревар беа тешки, но заедно со тимот одговориме високо на задачата. Подготовките во студиото ‘Еурека’, каде што вежбам, беа сериозни и долги. Затоа освоив трето место во квалификациите и четврто место на официјалниот натпревар“, вели Стефан Трпковски.
„Илина и Стефан успешно ги поминаа квалификациите, влегоа во финалето со највисоки бодови и продолжија во официјалниот дел на натпреварот во највисокото ниво 1“, велат од „Еурека“.
М. ЏАРОВСКА