АКТЕРОТ Е ГОЛЕМ И ВО НАЈМАЛАТА УЛОГА, ВЕЛИ КУСТОСОТ ЈАРЧЕВСКА ЗА ИЗЛОЖБАТА ВО МНТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Во фоајето и на првиот спрат во Македонскиот народен театар (МНТ) се поставени над 130 оригинални фотографии на повеќе од 30 актери кои работеле во првата сезона на МНТ, 1945/46 година, па сè до почетокот на овој век.

„Моќта на актерот“ е посветена на актерите кои ги имало во речиси сите претстави (Фото: МНТ)

Станува збор за актери кои ги имало во речиси сите претстави, кои играле големи и помалку големи ликови. Изложбата е насловена „Моќта на актерот“, а ја подготви кустосот Ивана Јарчевска, која го води Музејот на МНТ.

„Низ постоењето на МНТ поминале многу, многу актери. Добри актери. Препознатливи актери. Актери кои се нурнуваат во секој сегмент од глумата“.

Ивана Јарчевска е кустос на изложбата (Фото: МНТ)

„Низ фотографиите ја гледаме страста на овие актери, со која го создале ликот во контекстот на претставата, страста кон ликот што го одиграле и неговото место во претставата. Влегувајќи во ликови кои не секогаш се први на листата на учесници, тие покажуваат и докажуваат дека актерот е голем и во најмалата улога“, вели Јарчевска.

Никола Ристановски и Катина Иванова на отворањето на изложбата (Фото: МНТ)

На фотографиите се креациите на актерите: Вера Вучкова-Жежељ, Добрила Пуцкова, Добрила Чабриќ-Ивановска, Тома Киров, Кирил Ќортошев, Цветанка Јакимовска, Ратко Гавриловиќ, Драга Арсенска-Велможин, Драги Крстевски, Стојка Цекова, Борис Стефановски, Драги Костовски, Пантелеј Мирковски, Таше Кочовски, Кирил Попов, Вукан Диневски, Чедо Камџијаш, Вукосава Донева, Катерина Крстева, Веска Вртева, Чедо Христов, Анче Џамбазова, Димитар Костов, Кирил Андоновски, Душко Костовски, Александар Џуровски, Кирил Псалтиров, Мирче Доневски, Кирил Коруновски, Александар Шехтански и Гоце Влахов.

Изложбата беше презентирана за неодамнешниот 73. роденден на МНТ, а ќе биде отворена цел месец.

Славниот италијански режисер Паоло Маџели деновиве во МНТ ја поставува претставата „Еден месец на село“. – Со доајенката Милица Стојанова (Фото: МНТ)
Актерите Борче Начев, Сашка Димитровска и Снежана Конеска-Руси на отворањето на изложбата (Фото: МНТ)