РАСЕЛ КРОУ ГО ПРОСЛАВИ РАЗВОДОТ СО АУКЦИЈА, ЌЕ ЗАРАБОТИ НАД ДВА МИЛИОНИ ДОЛАРИ

Сиднеј, (Гардијан)

Расел Кроу организираше аукција на лични предмети и на реквизити од негови филмови, со кои и официјално го прослави разводот.

Датумот не беше случајно избран: не само што тој го прослави 54. роденден, туку денеска ќе му беше и 15-годишнината од бракот со пејачката Даниеле Спенсер, но тие се разделија во 2012 година и аукцијата наречена „Уметноста на разводот“ беше дел од нивниот договор.

Пред аукцијата во Сиднеј, „Сотби“ процени дека од 227 понудени предмети ќе се заработи меѓу два и 2,8 милиони американски долари.

Репликата на кочија од „Гладијатор“ се продаде за 50.000 долари (Фото: ААП)

Оклопот што Кроу го носеше кога доби оскар за „Гладијатор“ ги надмина очекувањата, достигнувајќи цена од 96.000 долари, а најскапо продаден предмет поврзан со некој филм е 128 години стара виолина, што тој научил да ја свири неколку месеци пред да почне снимањето на „Господар и командант“. Реткиот инструмент од Леандро Бизјак се продаде за 104.000 долари. Одлично помина и костумот што го носеше во истиот филм – 88.550 долари.

Цената на виолината беше надмината само од едно од уметничките дела од колекцијата на Кроу, откако слика од австралискиот уметник Брет Вајтли беше купена за 146.300 долари.

Меѓу филмските предмети кои остварија неколкукратно повисока цена од понудената се и репликата на кочија од „Гладијатор“ (50.000 долари), неонацистичките чизми што Кроу ги носеше во „Ромпер стомпер“ (7.700) и штитникот од „Пепелашко“ (5.390).

Расел Кроу во добро расположение се појави пред почетокот на аукцијата, при што му беше отпеана роденденската песна.