Џеј-Зи за првпат отворено проговори за тоа што ја изневерил својата сопруга Бијонсе, за што се појавија шпекулации уште пред неколку години.
Тој гостуваше во шоуто на Дејвид Летерман на „Нетфликс“, кој го наведе на оваа тема дури на крајот на интервјуто, така што потсети на својата афера со една колешка.
„Пред неколку години се доведов во неволја, во ситуација за којашто самиот бев одговорен и беше моја грешка. Направив нешто што не требаше и уште жалам за тоа. Мојот најголем страв беше дека со тоа сум си го уништил семејството. Никогаш досега не сум разговарал со некој кој бил во таква ситуација“, почна Летерман, алудирајќи на аферата од 2009 година, за која дури бил уценуван.
Иако Џеј-Зи индиректно го призна своето неверство во интервјуто за „Лос Анџелес тајмс“ минатиот ноември, ова беше првпат во живо да биде соочен со непријатната случка, за која се дозна откако сестрата на Бијонсе, Соланж Ноулс, го нападна во лифт во 2014 година. Самата Бијонсе потоа навести дека има вистина во шпекулациите со неколку стиха во песната „Лимонада“.
„Кога сме млади, нѐ учат да бидеме мажи и да не плачеме. Јас низ песна порачав дека сакам да плачам. Сакав да го зачувам моето семејство. Како и вие, и јас имам прекрасна жена, која имаше разбирање дека тоа што сум го направил не е најлошото нешто на светот. Се сакаме и затоа низ терапија се потрудивме да го зачуваме бракот. Сакам да верувам дека сега сум на подобро место. Горд сум на таткото и сопругот кој сум сега“, кажа Џеј-Зи, додавајќи дека решил да го сподели своето искуство за да им помогне на други кои изгубиле надеж во својата врска.