ЛЕГЕНДИТЕ СЕ ПОВЛЕКУВААТ, КОНЦЕРТНАТА ИНДУСТРИЈА СТРАВУВА ЗА СВОЈАТА ИДНИНА

Њујорк, (Ролинг стоун)

Од почетокот на годината, неколку легендарни музички имиња објавија дека одат на проштална турнеја или дека целосно се пензионираат.

Елтон Џон, Пол Сајмон, Нил Дајмонд, Џоан Баез, Ози Озборн, „Раш“, „Слеер“, секој од своја причина донесе ваква одлука и тоа е она од што концертните промотери стравуваа веќе некое време: доаѓа крајот на класичната рок ера.

„Како што рок уметниците од златната ера полека умираат или се повлекуваат, не гледам кој би можел да го заземе нивното место“, вели Џеф Џампол, кој има соработувано со „Дорс“, Џенис Џоплин, Отис Рединг и „Рамонс“, а слично размислува и Марша Влашиќ, менаџерката на Иги Поп и Нил Јанг.

„Ова е крајно загрижувачки. Еднаш кога тие ќе се повлечат, ќе нема кој да ги замени“.

Концертната индустрија е поздрава од кога било: лани биле продадени билети во вредност од 5,65 милијарди долари, во споредба со пет милијарди од претходната година.

Но, од 25-те најуспешни турнеи, шест се на музичари кои се во пензионерски години, вклучувајќи ги сега покојниот Том Пети (66) и Били Џоел (68). На топ-100 листата, 23 се постари од 65 години, а само Бруно Марс (32) е помлад од 50 години во најуспешните пет.

Во 2016 година, сега 68-годишниот Брус Спрингстин заработи 288 милиони долари од светската турнеја, додека „Ролинг стоунс“ имаше двојно помал приход, но од само 14 настапи.

Прашање е дали Тејлор Свифт и други млади ѕвезди кои сега прават успешни турнеи ќе можат да ги повторат овие бројки во наредните десет години и колку лесно една генерација музичари може да се замени со друга.

„Секогаш ќе има суперѕвезди. Џастин Тимберлејк, ‘Фу фајтерс‘, ‘Прл џем‘ се способни да бидат нови ‘Ју-Ту‘, Пол Маккартни или кој било. Можеби, само ќе им треба некое време. Од друга страна, тие не диктираат цени на карти од 400 долари“, вели промотерот Рон Делсенер.