ПАПАТА ФРАЊО БЕШЕ ГОЛЕМ ФАН НА ФУДБАЛОТ, НО НИКОГАШ НЕ ГЛЕДАЛ НАТПРЕВАРИ НА ТЕЛЕВИЗИЈА

Рим, (АП)

Страста на папата Фрањо кон фудбалот беше очигледна во текот на неговиот 12-годишен понтификат. Доживотен фан на аргентинскиот клуб Сан Лоренсо, тој се согласуваше со оние кои го опишуваа фудбалот како најубавата игра на светот.

„Фудбалот е тимски спорт. Не можеш да се забавуваш сам. И ако се живее така, тоа може да биде добро за вашиот ум и вашето срце во општество кое е огорчено од субјективизмот“, кажа Фрањо на средба со млади италијански фудбалери во Ватикан во 2019.

Како и повеќето аргентински деца, и Хорхе Марио Бергољо пораснал со фудбалот и со часови играл на улица во својата родна населба Флорес во Буенос Аирес. Но, како што призна, не бил баш добар. Во неговата неодамна објавена автобиографија „Надеж“, папата откри дека неговите вештини биле толку слаби што го викале „тешко стапало“.

Папата Фрањо се сретна со Марадона во 2014 (Фото: АП)

Како и многумина во неговото семејство, тој почнал да навива за Сан Лоренсо, клуб основан од свештеникот Лоренсо Маса во 1908 година. Како момче бил фасциниран од стилот на игра на тимот кој ја освоил шампионската титула во 1946 година и до крајот на животот ги памтел имињата на сите играчи од таа постава. Во 2014, Сан Лоренсо објави дека неговиот нов стадион ќе го носи името на папата Фрањо, кој целиот живот ја плаќал клупската членарина под бројот 88.235.

Фрањо го вклучуваа и во дебатите кој е најдобриот фудбалер на сите времиња, а кога еднаш го прашаа да избере помеѓу Диего Марадона и Лео Меси, тој даде неочекуван одговор:

„Јас ќе додадам трет, Пеле. Помеѓу нив тројца, Пеле за мене е големиот џентлмен“.

За Марадона кажа дека бил голем играч, но потфрлил како човек, додека за Меси изјави дека е многу коректен.

Иако беше голем фудбалски фан, Фрањо никогаш не гледал мечеви на телевизија и до преселбата во Рим се информирал од радио и слушал радиопреноси. Од припадник на Швајцарската гарда во Ватикан дознал дека Аргентина станала светски првак во 2022.

(Фото: АП)