Скелети на алосаурус и на диплодокус се нудат на аукција во Париз, наменети за украсување на дом или канцеларија.
„Пазарот на фосили повеќе не е наменет само за научниците“, вели Јакопо Бријано од аукциската куќа „Бинош и Џикело“.
„Диносаурусите станаа кул, трендовски, вистински објекти за декорација, како слики”, изјави за АФП италијанскиот експерт, наведувајќи ги холивудските актери Леонардо Дикаприо и Николас Кејџ како обожаватели на вакви предисториски артефакти.
Кејџ, сепак, го предаде реткиот череп на тираносаурус батар, што го купил во 2007 година, откако беше откриено дека е украден и нелегално изнесен од Монголија.
Коски на диносауруси сé повеќе се дел од кабинети на колекционери, а се очекува уште еден огромен скелет да биде понуден на аукција во јуни и да достигне цена до 1,5 милиони евра.
„Неодамна му продадовме многу убав примерок на едно семејство од Венеција. Тие имаат прекрасна голема просторија во којашто диносаурусот совршено се вклопи“, рече Бријано.
Алосаурусот, кој е еден од 87-те понудени природни артефакти, се смета за мал со должината од 3,8 метри. Се очекува да достигне цена до 650.000 евра, додека диплодокусот, и покрај тоа што е поголем од 12 метри, има цена меѓу 450.000 и 500.000 евра.
Цената, исто така, се зголемува ако на скелетот има траги од борба или неизлечива болест, ако се смета за редок или има особено импресивен череп.
„Последните две-три години, Кинезите станаа заинтересирани за палеонтологијата и бараат големи примероци на диносауруси пронајдени на нивната почва, за нивните музеи или за поединци”, рече Бријано.
Во 1997 година, „Мекдоналдс“ и „Волт Дизни” беа меѓу донаторите кои потрошија 8,36 милиони долари за да го купат Сју, најкомплетниот и најдобро зачуван тираносаурус, за Музејот на природата во Чикаго.
Само околу пет диносауруси се ставаат на аукција низ светот секоја година.