ДУКЕ БОЈАЏИЕВ НАЈАВИ ДВА КОНЦЕРТИ ВО СКОПЈЕ ВО МАЈ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

По пауза од две години, македонскиот композитор со њујоршка адреса Дуке Бојаџиев повторно ќе настапи пред домашната публика, најавувајќи два едноподруго концерти на 11 и 12 мај во Македонската филхармонија. Тие ќе бидат реализирани во соработка со Министерството за култура и „3Гонга”.

Наречени „Сон-верба-љубов“, Бојаџиев на концертите ќе ги промовира материјалот од истоимениот нов албум, како и дел од неговото поново филмско творештво.

Бојаџиев (пијано и вокал) ќе настапи со тим од врвни музичари. Специјални гости ќе бидат Тијана Дапчевиќ, актерката Наташа Петровиќ (вокал и нарација), Исмаил Лумановски на кларинет, Костас Анастасијадис на тапани, Мартин Ѓаконовски на контрабас, како и жичениот квартет во состав: Владимир Крстев (виолина 1), Маја Ефремова-Шеќерова (виолина 2), Марко Виденовиќ (виола) и Марија Михајловска (виолончело).

Билетите ќе бидат пуштени во продажба од 16 април на билетарницата во Македонската филхармонија и преку мрежата на мктикетс.