Британската пејачка Џеси Џеј објави дека ѝ е дијагностициран рак на дојка во рана фаза. Таа преку видеопорака на Инстаграм соопшти дека планира да се оперира по настапот на фестивал на стадионот „Вембли“ во Лондон подоцна овој месец.
Џеј (37), која е најпозната по хитот „Price Tag“, вели дека изминатиот период правела доста тестови и затоа била отсутна од јавноста.
„Ракот е ужасен во која било форма, но се држам до зборот ран. Ова е многу драматичен начин да се добие зголемување на гради, ха, ха. Ќе исчезнам малку за да се оперирам, а потоа ќе се вратам со огромни гради и повеќе музика“, вели таа.
Пејачката додаде дека одлучила јавно да ја објави дијагнозата за да си помогне во прифаќањето на болеста и да покаже солидарност со другите кои минуваат низ нешто слично.
„Само сакав да бидам отворена и да го споделам тоа. Ме боли душата што толку многу луѓе минуваат низ слични и полоши работи и тоа е делот што ме убива“, рече пејачката, која роди син во 2023.
(Фото: Гети)