Млада и витална енергија на сцената, одлична костимографија, моќна изведба од Биг бендот збогатена со светлосни ефекти и игра со сценографијата се главните впечатоци од синоќешното шоу „Глумците пеат“, чија втора изведба е закажана за вечерва (9 јуни) во Македонскиот народен театар (МНТ).

Во режија на Дејан Пројковски беа изведени околу 25 точки од култни филмови со кои пораснале многу генерации. Настанот започна со препознатливиот глас на Марин Бабиќ, со снимка од некогашните „Глумци пеат“. Тој беше идеен творец на ова шоу во 1990-тите, а по неговата смрт, организацијата ја продоложија неговите ќерки Маја и Ира Бабиќ.

Македонските актери и актерки уживаа додека пееја и играа, за што добиваа големи аплаузи. Најмногу смеа предизвикаa настапите на Славица Прима (Биљана Драгичевиќ-Пројковска) и хорот „Славици лавици“.

Диригент на бендот беше Љупчо Мирковски. Новите аранжмани на песните се на Бобан Мирковски, а кореографијата на Олга Панго.






Фото: К. Попов