Главно женска публика се забавуваше на концертот на кантавторот Матео Бочели, синот на легендарниот италијански тенор Андреа Бочели, кој настапи сношти (15 јуни) во Филхармонијата.
Авторските романтични песни на Бочели и преработките на светски познати хитови ја разиграа скопската публика од сите генерации. Повозрасните го знаат како син на познатиот тенор, а помладите по неговата популарност на социјалните мрежи. Со типичните италијански шарм и акцент кога збори англиски, Матео Бочели ги шармираше скопјанките, ги разигра и заигра со неколку од нив, шетајќи се меѓу публиката.
„Да ви признам нешто, јас сум ужасен танчар. И да ве прашам, дали сте вие весела или срамежлива публика? Кој сака, но само кој сака, може да заигра со мене“, рече Бочели, кој се симна во публиката и заигра со неколку жени.
На почетокот, тој испеа авторски песни на италијански од неговиот прв соло албум „Матео“, а потоа пееше преработки на хитови од Елвис Присли, „Квин“, Ед Ширан, по нешто за секоја возраст.

„Горд сум на моето семејство и на моето потекло. Пораснав со музиката од Витни Хјустон, Елвис, ‘Квин‘, во мојот дом имаат дојдено многу светски познати гласови. Мојата авторска музика е мојата приказна и во неа има мешавина од она со што пораснав и она што сум јас денес“, рече Бочели, кој личи на татко му.
Публиката ја забавуваше и со неговите приказни, како на европската турнеја патува со автобус и изгубил неколку килограми откако престанал да се храни со тестенини, типичната италијанска кујна.
Матео Бочели (27) е ѕвезда во подем во популарната музика, кој со татко му ја сними песната „Fall On Me“. Во 2022 објави божиќен албум со Андреа Бочели и со помладата сестра Вирџинија. Лани излезе неговиот прв самостоен албум „Матео“. Концертот го организираше продукцијата „Пасворд“.
М. ЏАРОВСКА