„СО ДУША ЗА КРУШЕВО“, КОНЦЕРТ НА МЛАДИ ХОРИСТИ И ВИКТОР ИЛИЕСКИ НА 21 ЈУНИ ВО КРУШЕВО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На 21 јуни од 20 часот, во Градскиот парк во Крушево ќе се одржи концертот „Со душа за Крушево“ на детскиот хор на француското интернационално училиште ЕФИС, под водство на тромбонистот од Филхармонијата, Виктор Илиески. Тој ќе ги придружува младите музичари на пијано со изведба на француски, англиски и македонски песни.

„Децата од хорот доаѓаат од најразлични држави од светот и пеат на три јазици. Преку песните испраќаат пораки за мир во светот, заедништво, меѓусебно разбирање, љубов и почитување“, вели Илиески.

На концертот ќе им се придружи и победничката на „Француски шансони во Македонија“, Нина Лазаревска, а ќе настапи и младиот хорнист Кирил Митрески, кој е добитник на повеќе први државни награди. Организаторите велат дека делата ќе бидат изненадување.

Концертот е поддржан од Општина Крушево, а го организира Виктор Илиески заедно со здружението на граѓани „Крушевски манифест”.

Фото: Од Божиќниот концерт на хорот на ЕФИС во 2024 во Камерната сала на Филхармонијата