ПОЧНУВА НОВАТА ВЕРЗИЈА НА Д ФЕСТИВАЛ ВО ШТИП, МУЗИЧКАТА ПРОГРАМА ЌЕ СЕ ОДВИВА НА СТАДИОНОТ

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Штип е подготвен од денеска да ги пречека илјадниците посетители на традиционалниот Д фестивал (The Festival), кој 14 години се одржуваше во Дојран, а годинава за првпат во Штип. Годинашниов фестивал има и хуманитарен карактер, иако влезот за сите музички и други програмски содржини е слободен.

Организаторот „Пасворд продукција“ најави дека ќе има хуманитарни билети, а сите средства ќе бидат наменети за настраданите во пожарот во Кочани.

Оваа година, нема да има камп за посетителите, а сите музички настани ќе се реализираат во кругот на Градскиот стадион во Штип, и тоа на помошниот терен. Веднаш до автобуската станица се поставени две големи монтажни бини, на кои наизмeнично, без временско совпаѓање, ќе се одвиваат концертите и диџеј сетовите.

Британските дарк-рок пионери „Систерс оф мерси“, реге легендите „Инер сиркл“ и Макс Кавалера со својот бенд „Соулфлај“ се најавени како главните ѕвезди на новата верзија на Д фестивал, кој ќе трае до 6 јули.

На двете бини, Главна и Москито, ќе настапат повеќе од 40 бендови и музичари. Најголемиот дел од програмата го сочинуваат домашните артисти, што ги вклучува „Архангел“, Кирил Џајковски, „Фолтин“, „Љубојна“, „Паркети“, Пијан Славеј, „Мизар“ и Дина Јашари, од соседството доаѓаат „Буч Кесиди“ и „С.А.Р.С.“, а меѓу учесниците е и третопласираниот на годинашната Евровизија, Томи Кеш од Естонија.

Музичката програма почнува во 18 часот со диџеј Мана на бината Москито, додека на Главната бина од 19 часот ќе пее Драган Мијалковски во придружба на Битолски камерен оркестар.

Т. ЈОВАНОВСКИ