ЗАБАВА ПО ПОВОД 40 ГОДИНИ ХАУС МУЗИКА И ПРЕМИЕРА НА ПРЕТСТАВАТА „ЛОВ НА ДИВА СВИЊА“ НА СКОПСКО ЛЕТО

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

На Скопско лето, вечерва (18 јули) од 21 часот во Сули ан ќе се одржи журката „Хаус музика – 40 години љубов, ритам и еднаквост“. Оваа година се навршуваат 40 години од препознавањето на хаус музиката како засебен музички жанр, создаден во раните 1980-ти во Чикаго.

„Во нашата клупска култура овој жанр е доминантен од самите почетоци, а денес е дел од програмата на секој простор каде што се ангажира диџеј. Вечерва, тројца наши хаус диџеи, Јулијана Милутиновиќ, Зија Вишко и Зоки Бејбе, кои вредно работеле на популаризирањето на оваа музика во клубовите и медиумите, ќе нè потсетат со забава на отворено на големото значење кое го имаше овој жанр низ декадите клупско живеење“, се вели во најавата од фестивалот.

Утре (19 јули) ќе има два настана на Скопско лето. Во 20:30 часот во Домот на култура „Кочо Рацин“ ќе се отвори изложбата на дигитални мозаици „Патека низ времето“ на Игор Поп Трајков. Кураторка е Џоана Пентала.

Од 20:30 часот во Македонскиот народен театар премиерно ќе се изведе претставата „Лов на дива свиња“ од Марија Сарап, во режија на Наташа Поплавска. Претставата е копродукција на МНТ, Градското позориште од Подгорица и здружението „Арт медиа“ од Скопје. Изборот на костимите, сценографијата и музиката се на Поплавска. Играат Ана Стојановска, Искра Ветерова-Славенска, Мина Јелушиќ-Јериниќ, Ѓоргије Татиќ и Вукан Пејовиќ

Фото: Е. Петро