СТАРТ НА СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ СО ЦРНАТА КОМЕДИЈА НА БЛАЖЕВСКИ „ГОДИНА НА МАЈМУНОТ“

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Со премиерата на новиот филм на режисерот Владимир Блажевски, вечерва во 20 часот во киното Милениум се отвора 21. издание на Скопје филм фестивал.

Година на мајмјунот“, чиј работен наслов беше „Слобода или смрт“ , е четврт долгометражен филм на Блажевски, еден од најреномираните македонски филмски автори, по наградуваниот „Панкот не е мртов“ (2011), „Булевар на револуцијата“ (1992) и „Хај- фај“ (1987).

Сценариото е на Блажевски, а продуцент е „Панк филм“ . Се работи за копродукција помеѓу Македонија, Србија, Словенија и Косово.

Главните улоги во црна комедија ги играат : Игор Ангелов, Марија Кон, Решит Береда, Рефет Абази, Тања Кочовска, Петер Елиот. Директор на фотографија е Димо Попов.

Двата главни протагонисти се Цобе, сиромашен чувар во Зоолошката градина во Скопје и шимпанзото Коко.

Едноставната приказна се плетка околу бегањето на Коко од ропство во слобода’. Цобе, поради општата економска криза и беда, добива отказ на своето работно место и ветување дека ќе го вратат на работа доколку успее да го пронајде и донесе назад одметникот“, најавува СФФ.

Филмот се снимаше во 2016 на околу 80 различни локации во Скопје, Битола, околината на Гостивар и Дебар. Буџетот за филмот е 1,4 милиони евра, обезбедени од Агенцијата за филм на Македонија, Еуримаж и Кино-мрежата на Југоисточна Европа. Од утре ќе игра на редовниот репертоар на киното Синеплекс.

Скопскиот филмски фестивал ќе трае до 26 април, а најавени се повеќе од 50 филмови, работилници, гостувања на нови европски филмски имиња, како и ретроспектива на Алфред Хичкок.

Автор на плакатот за годинашното издание на фестивалот е младиот македонски дизајнер Ѓорѓи Десподов.

Филмовите се распоредени во седум програми, меѓу кои се: Програма на авторски филм, Панорама на светски филм, Македонска продукција, Фокус на француски филм, Програма на европски филм, Ретроспектива на Хичкок, и за првпат годинава, програмата Квир фокус.

Селектор на Програмата на авторски филм е Татјана Јаневска, Навид Сарем на Фокус на францускот филм, Владан Петковиќ и Алексеј Дмитров на краток филм, а Александар Ковачевски на Квир фокус.

Во програмата Македонска продукција ќе се прикажат осум македонски филмови.

Програмите ќе се одржуваат во киното Милениум, Кинотеката на Македонија и киното Фросина. Автор на плакатот за годинашното издание на фестивалот е младиот македонски дизајнер Ѓорѓи Десподов.