СЕ РАДУВАМ ШТО СЕ ВРАТИВ ВО МАКЕДОНИЈА, РЕЧЕ ФРАНЦУСКИОТ ДИЏЕЈ ХУГЕЛ, КОЈ ТАНЦУВАШЕ СО ЗНАМЕТО ВО ОХРИД

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Танцувајќи со македонското знаме, францускиот диџеј и продуцент Хугел сношти (4 август) настапи со својот голем хит „Те обожавам“ (I Adore You) во Охрид на стадионот „Билјанини извори“. Она што беше најубаво на настапот на Хугел е неговата близина и поврзаност со публиката, која среќна танцуваше околу него и се сликаше со него.

„Многу се радувам што се вратив во Македонија“, рече диџејот, кој гостуваше во Охрид и пред неколку години.

Она што го прави светски популарен, освен музиката, се и неговите шарм и насмевка. Публиката во Охрид ја препозна неговата среќа додека е на сцената и насмеани фанови си заминуваа од стадионот пеејќи ги неговите хитови, на кои танцуваат млади на Ибица, каде што Хугел е чест гостин.

(Фото: СМАРТ СДК,МК)

Хугел почна да пушта музика на 16 години во неговиот роден град Марсеј. Инспириран од „Дафт Панк“, Карл Кокс и Лоран Гарние, тој брзо развил страст кон електронската музика. Денес има над милијарда преслушувања на дигиталните платформи и милионски прегледи на социјалните мрежи.

Настапот го организираше продукцијата „Прагма“, која ден претходно го организираше концертот на Џејсон Деруло.

М. ЏАРОВСКА