ОДЛОЖЕНО ЕМИТУВАЊЕТО НА ДОКУМЕНТАРЕЦОТ ЗА ОЗИ ОЗБОРН НА БАРАЊЕ НА СЕМЕЈСТВОТО

Велика Британија, (Би-Би-Си)

„Би-Би-Си“ во последен момент одлучи да го одложи документарецот за последните години од животот на Ози Озборн, со цел да се почитуваат желбите на неговото семејство.

„Ози Озборн: Враќање дома“ требаше да се емитува на „Би-Би-Си 1“ во 21 часот по британско време на 18 август, но беше отстранет од распоредот.

„Нашето сочувство е со семејството Озборн во ова тешко време. Ги почитуваме желбите на семејството да почекаме малку подолго пред да го емитуваме овој многу посебен филм. Новиот датум на емитување ќе биде потврден наскоро“, рекоа од „Би-Би-Си“.

Првично не беше наведена причина за одложувањето на филмот, кој го опфаќа враќањето на ѕвездата во Велика Британија, неговиот проштален концерт во јули и неговата смрт на 76 години.

Документарецот првично беше замислен како серија од 10 дела која требаше да го следи „обидот на Ози и неговата сопруга Шерон да ги обноват своите животи“ во Бакингемшир.

Сепак, како што здравјето на Ози се влошуваше, филмот беше претворен во приказна од еден час кој ги прикажува последните три години од неговиот живот.

Би-Би-Си претходно го опиша документарецот како „трогателен и инспиративен приказ на последното поглавје од животот на Ози, раскажан преку уникатен и интимен пристап до целото семејство Озборн, вклучувајќи ги Шерон, Џек и Кели“.

 

Фото: Би-Би-Си